Претседателот на Венецуела ја подигна вредноста на Petro во обид да создаде “нов систем”

По втор пат за малку повеќе од еден месец, претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, ја зголеми вредноста на националната криптовалута, Petro, овојпат на 36.000 суверени боливари. Потегот повторно беше исполнет со критики.

“Нов монетарен систем”

Претседателот Николас Мадуро воведе “нов монетарен систем” на 14-ти јануари, кој вклучуваше уште едно зголемување на вредноста на криптовалутата во земјата и повисока минимална плата во обид да се бори против “криминалниот долар”. Додека земјата продолжува да се бори со највисоката инфлација во светот – околу 2 милиони проценти – лидерот на јужноамериканската држава изјави дека потегот ќе го заштити националниот боливар.

“Сакам да создадеме одличен сојуз за да произведеме и да создадеме нови формули за инвестиции и финансирање”, изјави Мадуро на Конституивното собрание во видео кое го емитуваа локални медиуми. Претседателот Мадуро изјави дека ќе ја зголеми минималната плата за 300 отсто на 18.000 боливари месечно, околу 6.70 долари и ќе ја зголеми вредноста на Petro. Неговиот нов монетарен систем ќе се заснова на Petro и изјави дека ќе ја стабилизира економијата со своите нови мерки.

Но, ова не е првпат претседателот Мадуро да даде такви ветувања. Во декември тој ја зголеми цената на Petro, со тоа што експерти и цивили го изразуваа својот скептицизам, додека минималната плата беше зголемена за пет пати минатата година. Сè уште нема знаци за крипто паричник за Petro-то, врските за негово превземање од нет не работат, а Венецуелската влада се уште се труди да ја продаде дигиталната валута и да издаде сертификати за купување до купувачите. Венецуелците, пак, сé уште бегаат од ужасната економска состојба на земјата во стотици илјади.

Реакцијата

Претходно, кога Николас Мадуро ја зголеми вредноста на Petro и ја зголеми минималната плата, тој беше критикуван. Тоа беше истата приказна како во оваа ситуација. Хенкел Гарсија, директор на консултантската фирма Econometrica од Каракас, напиша на Twitter: “Најавата ќе ја влоши хиперинфлацијата и економската криза. Монетарната рестрикција која продолжува, и за банкарството и за компаниите, е многу опасна”. Тој додаде: “Тие се обидуваат и се обидуваат да му дадат циркулација на Petro. Тие го игнорираат тоа дека употребата на монета е доброволен чин и во која довербата игра важна улога.”

Асдрубал Оливерос, директор на Ecoanalitica, организација за економски истражувања со седиште во Каракас, изјави за Bitcoin.com: “Нема намера да се поправи насоката на економијата, па ќе продолжи на влошениот пат во 2019-та година.” На друго место, лидерот од опозицијата, Хуан Гваидо, изјави: “Денес, Николас Мадуро го закопува Венецуелскиот народ уште еднаш, по преземањето економски мерки што само повеќе крварат во џебот на Венецуелците”, додавајќи:

“Венецуелската економија не се подобрува со зголемување на платата.”

Други Венецуелци за медиумите изјавија дека тие имале малку вера во тоа дека Petro ќе ја подобри економијата. Еден студент по право, Рафаел Гутиерез (23), изјави: “Не вреди да се зборува за тоа. Целата работа е измама – и економијата е осудена на пропаст”. Фабијан Камачо, 28-годишен софтвер девелопер и системски инженер, додаде: “Никој нема и никој нема да има вера во Petro, ниту во економското знаење на Мадуро.”

Leave a comment