Лидерите на Г-7 зборуваа за криптовалути и Libra, и ветија дека “брзо ќе дејствуваат”

Г-7 може да предизвика уште една пречка за проектот  на Facebook наречен Libra, бидејќи истакнати учесници на самитот на министри и централни банкари изразија загриженост и ветија дека ќе дејствуваат.

Самитот во моментов се одвива во Шантил, Франција, а еден од учесниците е американскиот секретар за финансии Стивен Мнучин, кој претходно оваа недела се согласи со скептицизмот на претседателот Доналд Трамп за криптовалутите и прашања поврзани со Libra.

AFP цитира неименуван француски официјален претставник,

“Околу Libra, имавме многу конструктивни и детални дискусии со многу голем и заеднички консензус за потребата од акција […] Сите учесници изразија загриженост во врска со моменталната ситуација и потребата да се дејствува брзо”.

Германскиот министер за финансии, Олаф Шолц, беше воздржан во своите одговори, но призна дека министрите и централните банкари имале “сериозна загриженост” за Libra.

Шолц изјави: “Сакаме да бидеме сигурни дека ќе се почитуваат сите постојни прописи, и ако тие треба да се менуваат во иднина, да можеме да ја гарантираме стабилноста на меѓународниот финансиски систем”.

И францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мар, изјави дека сака Г-7 да излезе со “рамка или регулативи” што ќе ја направат Libra “прикладна”.

Во меѓувреме, шефот на јапонската централна банка ги повика земјите да изработат унифициран одговор за проектот Libra – и за растот на крипто  индустријата воопшто.

Гувернерот на Банката на Јапонија (BOJ), Харухико Курода, разговараше со новинарите во Франција пред самитот на Г-7 и вети дека “секоја земја ќе работи заедно за да дојдат до неопходниот одговор” за прашања поврзани со Libra и за криптовалутите воопшто.

Курода изјави дека, со цел да се спречи измама и монополи, “треба да се земат предвид регулативите на меѓународно ниво” и инсистираше на тоа дека финансиските регулатори – не само банкарите и министрите од Г-7 – треба да бидат вклучени во секој разговор за прописи или насоки кои опфаќаат криптовалути.

Во меѓувреме, Дејвид Маркус, ко-креатор на Libra, шеф на нивниот Calibra паричник, вчера одговараше на вжештените прашања пред Комитетот за финансиски услуги на САД.

Leave a comment